Да се проследи историскиот развој на една институција е еден мошне емотивен момент, кога чепкајќи по документите и по старите фотографии од училишните албуми, во мислите, небаре било вчера, ви навираат спомени за случувања, луѓе, настани, за сè што поминало и за сè што се направило или постигнало. Тоа е едно носталгично патување низ времето, кон корените, патување кое покажува дека она што сме денес му го должиме на она што бевме вчера, завчера, пред  5, 10, 20... или, да бидеме сосема прецизни, пред 60 години. Всушност, тоа значи потврда и признание за сè што е сработено и постигнато од генерации наставници и стручни соработници кои имале визија за тоа по кој пат треба да се оди и кои посветено и со голем ентузијазам работеле на реализација на планираните активности, испишувајќи ги на тој начин страниците на училишната историја.

Нашата приказна започна во далечната 1959 година, кога Работничкиот совет на Железничко-транспортното претпријатие Скопје, во согласност со Уредбата за центрите за стручно образование на работници, објавена во Службен лист на ФНРЈ бр.30, на 29.5.1959 година, ја донесе Одлуката за формирање Центар на железничарите за стручно образование на младинци и возрасни.  Почетоците не беа лесни: немавме своја училишна зграда и Центарот работеше во времено адаптирани простории, лоцирани во централното градско подрачје, кои ни оддалеку не ги задоволуваа стандардите за тоа како треба да изгледа едно стручно училиште и во какви услови треба да се реализира наставата и воспитно-образовниот процес. Но, предизвикот беше голем, а ние цврсто решени да се справиме со него. Требаше да се состави тимот професори кои ќе ја понесат одговорноста да го реализираат планираното, да се осмислат профили што ќе бидат привлечни за учениците, да се подготват потребните учебници, наставни планови и програми. Сериозен предизвик за сериозни луѓе. Од 1961 година почнува со работа железничкото техничко училиште за сообраќајно-транспортни струки, со интернатско сместување. На 14.6.1963 година Центарот е верифициран од Советот за просвета на СРМ, како Центар за образование на младинци и возрасни од сообраќајна и комерцијална струка. 

 По катастрофалниот земјотрес, во учебната 1963-1964 година железничкото сообраќајно-техничко училиште, како и една паралелка машиноводители, беа привремено преместени во Белград, каде што ја следеа наставата во Железничкиот училишен центар.       Дејноста на Центарот се проширува, па во периодот 1963-1974 година во Училиштето се образуваат машинобравари, металостругари, електромеханичари, машински и електротехничари за јака струја, односно кадри за потребите на Железничко-транспортното претпријатие Скопје. На 15.4.1979 година со Одлука на Работничкиот совет на Железничко-транспортното претпријатие Скопје, Центарот го добива името на првоборецот-железничар Владо Тасевски.       

 

1
2
4
6
7
8
9
10
11
12
14
15
16
01/13 
start stop bwd fwd
                  

Во 1982 година Училишниот центар потпишува договор со Либиска Џамахирија за школување либиски ученици за следниве профили: градежни техничари за одржување пруги, сообраќајно-транспортни техничари и електротехничари за СС и за ТК-постројки. Средствата добиени за оспособување на учениците од Либиска Џамахирија беа искористени за тоа стариот и дотраен објект, во кој се реализираше наставата сè до 1983, да се замени со нов и современ објект, што беше изграден во 1984 година. Учебната 1983-1984 започна во новата училишна зграда. Во 1983 година за првпат е воведен  образовниот профил техничар за ПТТ-сообраќај, како резултат на склучениот договор меѓу нашето училиште и тогашното Јавно претпријатие за ПТТ сообраќај Македонија, денес АД Македонски пошти. Истата година училиштето го доби името Училиштен центар за железнички и ПТТ-сообраќај „Владо Тасевски“. Некои од најинтересните карактеристики за овој образовен профил  беа: Aтрактивност за упис, начин на запишување, можноста за вработување, меѓународната соработка како и специјалистичкото образование.                                               

До 1996 година Училишниот центар работи како посебна организациона целина во рамките на Железничко-транспортното претпријатие Скопје, а оттогаш како посебен правен субјект во рамките на Министерството за образование на РМ – ДСУ за железнички и ПТТ-сообраќај „Владо Тасевски“. По започнувањето на процесот на децентрализација, со пререгистрација во Основниот суд Скопје 1 (27.1.2006 година), Училиштето преминува во ингеренција на Градот и станува СУГС „Владо Тасевски“.                                                                                       

Во април 1998 година училиштето се вклучи во ФАРЕ-проектот за реформа на средното стручно образование, во рамките на кој се планираше модернизација и трансформација на воспитно-образовниот процес. Наставничкиот колегиум, раководниот кадар и координаторот на проектот вложија огромни напори за поуспешна реализација на започнатите реформи. Решивме да станеме дел од една нова приказна и да изградиме училиште од кое ќе излегуваат оспособени кадри, комплетни и одговорни личности, граѓани на светот, кои ќе бидат подготвени да се соочат со професионалните предизвици и да одговорат на она што ги очекува во животот.            

Во изминатите 60 години во училиштето се образуваа ученици, oспособувајќи се за следниве образовни профили:

Во сообраќајна струка: транспортен комерцијалист, техничар за ПТТ- сообраќај, техничар за техничка колска служба – прегледувач на коли, техничар за транспорт и шпедиција, станичен работник, сообраќаен транспортен техничар, кондуктер, возоводител, машиновозач на дизел и електрични влечни средства, маневрист, машиновозач на маневра, техничар за железнички сообраќај и сообраќајно‐транспортен магационер.

Во електротехничка струка: техничар за телекомуникации, техничар за комуникациски уреди и преносни системи, електротехничар за СС-постројки, електротехничар за ТК-постројки, електротехничар за возни средства, ТТ-монтер, електротехничар‐електроничар, електротехничар за електроника и телекомуникации,  електромеханичар.

Во машинска струка: машински техничар за влечни средства, машинобравар-металостругар, машинобравар, металостругар, бравар-механичар за железнички возни средства, машински техничар за шински возила и машинско- енергетски техничар.

Како средно стручо училиште, ние континуирано ги следиме реформите во образовниот процес што ги воведуваат МОН, БРО и ЦСОО, следејќи ги потребите на пазарот на трудот.                                                         

Во учебната 2001-2002 во училиштето почна да се реализира долгогодишната идеја за специјалистичко образование (V степен). Со одлука на Министерството за образование (Решение за верификација на V степен бр. 11-587/3 од 7.3.2000, во училиштето се спроведе едукација на ученици од V степен (специјалистичко образование од електротехничка, машинска и од сообраќајна струка). Специјалистичкото образование ги опфати следниве профили:

Во електротехничката струка: телекомуникациски оператор, специјалист за одржување и монтажа на опрема, телекомуникациски оператор (специјалист за мрежи и опрема), телекомуникациски оператор (специјалист за телекомуникациски уреди), електроничар (специјалист за сигнално-сигурносни уреди);

Во машинската струка: специјалист механичар за влечни возила и специјалист-бравар механичар за возни средства;

Во сообраќајна струка: техничар за ПТТ-сообраќај и специјалист за сообраќајни транспорт

 Од запишаните 648 ученици, 416 успешно ја завршиле обуката.

 Во учебната 2004-2005 година во Училиштето беше отворена една паралелка на албански наставен јазик за електротехничар за електроника и телекомуникации. Наредната година се запишаа две паралелки од сообраќајна струка за новоотворениот профил – техничар за транспорт и шпедиција. Заради просторните можности на Училиштето, денес сите 16 паралелки од сообраќајна и од електротехничка струка на албански наставен јазик наставата ја следат во просториите на
СУГС „8 Септември“.     Од 2006 година училиштето е вклучено во проектот Модернизација на образованието. Во рамките на овој проект се реализирани обуки и е добиен стручен материјал, како и опрема, во насока на следење на современите текови во образованието. Во 2007 година Владата на РМ почна со спроведување на проектот Компјутер за секое дете. Основна цел на проектот беше да се актуализира прашањето за примена информатичката технологија во образовниот процес и да се промовира информатичката писменост на учениците како една од клучните компетенции кои се бараат на пазарот на трудот. Во рамките на проектот, училиштето беше опремено со персонални компјутери, а за непречено користење на компјутерската опрема училниците беа опремени со нови клупи и соодветна инсталација.

Во 2008 година Училиштето изработи модуларни програм-пакети за преквалификација и доквалификација на невработени лица, и тоа за следниве профили: сервисер за мехатронички системи,  монтер-одржувач на гасни уреди и инсталации, заварувач, електроинсталатер за станбени објекти, електроинсталатер-монтер за станбени и за индустриски инсталации, механичар на електронски компоненти, монтер на сателитска и кабелска опрема и сообраќен транспортен работник. Изработените програми беа доставени до Центарот за средно  стручно образование и обука, а потоа одобрени и верифицирани од страна на МОН.                                                                                                             

Од ноември 2008 година училиштето се вклучи во пилот-проектот Обука за одделни занимања и вештини кои се дефицитарни на пазарот на трудот, кој имаше за цел да ја пополни празнината на пазарот на трудот утврдена со  „Анализата на потребите од вештини на пазарот на трудот во РМ“, изготвена од Агенцијата за вработување на РМ. Во согласност со овој проект се реализираa обуки за невработени лица за следниве профили: сервисер за мехатронички системи и монтер-одржувач на гасоводна и водоводна инсталација. Обуката успешно ја завршија 24 кандидати. Во март 2009 година, Училиштето свечено го одбележа  50-годишниот јубилеј. За таа цел беше подготвена свечена приредба, монографија за 50-годишното работење на училиштето, аудио-визуелна презентација за 50-годишниот развој на училишниот центар и беше подготвен и испечатен осмиот број на училишниот весник Филалет. Ги сумиравме резултатите од дотогашната работа, поставивме нови цели и продолживме напред во новото десетлетие.           

Од последниот јубилеј во веќе далечната 2009 година, кога славевме 50 години од нашето постоење, поминаа 10 години, години на постојан растеж, зголемување на бројот на паралелките, а со тоа и на бројот на учениците, години на многу позитивни промени, успеси, награди, признанија. Со мали варијации се зголемуваше бројот на паралелките, од 34 на македонски наставен јазик и 10 на албански наставен јазик во учебната 2009-2010 година, до 38 на македонски и 16 паралелки на албански наставен јазик во учебната 2018-2019 година.

Во учебната 2010-2011 година беше воведен наставниот профил машиновозач за дизел и електрични влечни возила, а во учебната 2017/2018 година дојде до промена наставните планови за образовниот профил електромеханичар од трет степен – ГТЗ. Во учебната 2012/2013 година започна соработката со Македонски железници во насока на преквалификација, доквалификација или оформување на образованието на вработените, кои откако ги положија потребните испити добија свидетелства за профилот возоводител.

Секоја година најдобриот меѓу најдобрите се прогласува за првенец на генерацијата и соодветно награден од училиштето и од Градоначалникот на Град Скопје. Ќе ги споменеме Ангела Чурева (2009), Мартино Николовски (2010), Димитар Бочваровски (2011), Моника Стојковска (2012), Ивана Петровска (2013), Живко Јанев (2014), Андријана Велковска (2015), Здравко Тодоров (2016), Ана Јакимовска (2017) и Валентин Стојановски (2018).                                           

Во учебната 2012-2013 година МОН почна да го спроведува проектот Екстерно проверување на учениците, проект што требаше да провери колку оценките што ги добиле учениците соодветствуваат на стекнатите знаења. Проектот заврши во учебната 2016-2017 година.          

Исто така, од 2008 година нашите ученици полагаат Државна матура и Завршен испит, според тоа за што ќе се определат. Со мали исклучоци, тие успешно ги положуваат испитите уште во јунската испитна сесија, а оние кои нема да положат еден дел од целокупниот испит, имаат право да го полагаат во августовската испитна сесија.      Но не се оценуваат само учениците, туку и наставниците и целото училиште. Тоа оценување го врши Интегралната евалуација. Во последните десет години, таа во три наврати изврши инспекција во нашето училиште: во март 2011 година, декември 2014 година и во декември 2017 година. Во сите три евалуации, нашето училиште беше оценето со оценка добар (3).     За реализација на воспитно-образовниот процес, Училиштето соработува со Oдделението за образование на Град Скопје, Министерството за образование и наука – Секторот за основно и средно образование, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука и со Државниот испитен центар, институции од кои бараме стручна помош во решавањето на лоцираните проблеми (запишување ученици во прва година, вработувања во училиштeто, државна матура, семинари, обуки и сл.). Мошне важен сегмент на воспитно-образовната работа е и соработката на стручниот тим и на целиот наставен персонал со родителите. Постојаните контакти со родителите и со учениците овозможуваат да се надминат проблемите што се јавуваат во текот на работата, но и да им се помогне на учениците да се справат со личните и семејните проблеми. За ова особено придонесе Програмата за советување на родителите, што ја реализираше Стручната служба, со која требаше да се надминат актуелните тешкотии (нередовното посетување на наставата, намалувањето на успехот во учењето или манифестирањето несоодветни форми на однесување), како и да се развие свесноста за потребата од унапредување на родителските вештини, кои позитивно би влијаеле врз квалитетот на животот на детето и неговите училишни постигнувања. Во своето повеќегодишно постоење нашето училиште настојуваше да развива квалитетна меѓународна соработка, па во таа насока воспостави соработка со неколку училишта и организации од други земји. Соработката беше ориентирана кон размена на искуства. 

Од 2000 година Училиштето е вклучено во мрежата Invent и учествува во градењето на мрежата за меѓународна соработка на Југоисточна Европа. Наши наставници учествуваа на многу обуки организирани од Германската организација за меѓународна соработка (GIZ) и МОН. Соработката, воспоставените контакти и пријателства продолжија со размена на искуства и работни материјали. Од 23 до 25 февруари 2011 година во Белград се одржа Интердисциплинарната конференција за лидери на Југоисточна Европа, градење на мрежа за европска интеграција, во огранизација на Германската организација за меѓународна соработка (GIZ). Во март 2012 година Училиштето аплицираше за студиски посети за индивидуална мобилност, односно за студиски посети за образование и стручна обука од програмата Доживотно учење, преку Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност. Во октомври 2013 година претставници од Училиштето присуствуваа на меѓународната конференција на тема Безбедност и здравје при работа, каде што наставниците се претставија со труд на тема „Ризик од повреда на учениците во текот на одржувањето на практичната настава“. На 9 мај 2014 година во нашето училиште се одржаа XXXIII државни натпревари на ЕМУЦ-ите од Република Македонија. На натпреварите учествуваа  вкупно 147 натпреварувачи од средните стручни училишта во РМ, кои се натпреваруваа во повеќе различни категории. Дел од учениците се натпреваруваа решавајќи тестови, а дел презентирајќи ги своите трудови. Вреднувањето и оценувањето на трудовите го вршеа комисии составени од предметни професори од соодветната струка, а натпреварите ги надгледуваше комисија составена од членови од Центарот за стручно образование и обука и професори од техничките факултети од електротехничката, машинската и сообраќајната струка. Примарна цел на овие натпревари е на учениците да им се даде можност покрај совладувањето на материјалот во рамките на редовната настава да одат и чекор понатаму и во остра конкуренција да ги измерат своите знаења и вештини. Иницијативите на МОН и на Владата на РМ за реформи на средното стручно образование и насочување на идните средношколци за изучување на техничките науки, секако, треба да доведат до промена во свеста на учениците и на нивните родители за тоа дека новите индустриски капацитети што се отвораат во РМ имаат потреба од стручно обучен кадар, каков што може да произлезе само од средните стручни училишта, со што стручното образование конечно ќе го добие своето вистинско место во образовниот систем на РМ. На конкурсот „Најчисто и најбезбедно училиште“ учествувавме трипати, при што во 2014-2015 го освоивме првото место како најчисто и најбезбедно училиште во РМ, во учебната 2015-2016 и 2017/2018 второто место.      

Како резултат на залагањето да се почитуваат еко-стандардите и да се развива позитивен однос кон природата и опкружувањето, во учебната 2015/2016 година го добивме зеленото знаме и станавме еко-училиште. Во учебната 2014-2015 година од страна на Град Скопје бевме прогласени за училиште со најдобро украсен училиштен двор за новогодишните празници. Во април 2015 во посета на нашето училиште беше група ученици и тројца професори од Холандија  (RGSPantarij), кои се запознаа со работата на училиштето и се дружеа со учениците од нашето училиште.                

На 5 и 6 јуни 2018 година, нашето училиште во соработка со Развојниот центар АКЕТ од Трикала, Грција, Комората на овластени архитекти, овластени инженери на Република Македонија и STEMIC, ја организираше првата Меѓународна конференција на средните технички училишта од Македонија, Србија, Грција, Бугарија и Албанија на тема „Конференција за градење искуство со проекти за подобрување на механизмите за подобро практично образование во регионот“. Целта на Конференцијата беше регионално вмрежување на средните технички училишта заради полесно аплицирање и добивање средства од европските фондови. споделување исти идеи, размислувања и планови во однос на неопходноста од регионално здружување во процесот на аплицирање за проекти поддржани од ЕУ, кои ќе овозможат подобро и поквалитетно стручно образование и оспособување на нашите средношколци за активно вклучување на пазарот на трудот. Во изминатите 10 години Училиштето го менуваше својот лик, настојувајќи да стане пријатно место за престој и работа на учениците, каде што непречено ќе ги исполнуваат работните задачи предвидени со наставната програма. Со финансиска помош од Град Скопје, како и со сопствени средства, се направени следниве зафати во училиштето: промена на дел од вратите во СУГС „Владо Тасевски“ и во СУГС „8 Септември“, каде што се сместени учениците кои наставата ја следат на албански наставен јазик. На тој начин се подобрија условите за работа во двете училишни згради. Се уреди наставничката канцеларија, како и училишниот двор. Во август 2016 година, во големото невреме што го зафати нашиот град, беше поплавено и нашето училиште. Штетите беа големи, но беа санирани пред почетокот на учебната година. Исто така, со материјална и финансиска помош од Град Скопје се реализираа и следниве проекти во објектот на СУГС „8 Септември“: реконструкција на прозорците во спортската сала, реконструкција на системот за парно греење, санација на дел од фасадата, замена на вратите од училниците,  поставување венецијанер-ролетни на прозорците. По реализацијата на овие проекти многу се подобрија условите за работа, особено во подрачното училиште.       Во учебната 2010-2011 година беше воведен наставниот профил машиновозач за дизел и електрични влечни возила, а во врска со наставните планови, во учебната 2017-2018 година дојде до промена на истиот за образовниот профил електромеханичар од трет степен (ГТЗ). Во учебната 2012-2013 година започна соработката со Македонски железници, со која се вршеше преквалификација, доквалификација или оформување на образованието на 31 вработен. Тие добија свидетелства за профилот возоводител. Во изминатите 60 години функцијата директор на училиштето ја извршувале:   Јордан Пешевски, Благоја Поп Петрески, Ристо Крнинов, Лазо Котевски, Катерина Белазелковска, Коле Луловски, Верослава Пенушлиска, Јорданка Пејоска, Снежана Божиновска, Леош Тунески и Билјана Глигорова. Секој од нив оставил печат во времето и како раководител го трасирал патот по кој ќе се развива училиштето, давајќи свој личен и професионален придонес во целокупниот развој на Училиштето и спроведувањето на воспитно-образовниот процес. Во септември 2018 година за директор на Училиштето е назначен Александар Сибиновски, проф. по Спорт и спортски активности. Оценката за неговата работа ќе му ја препуштиме на времето и на некое идно издание на монографијата, по истекот на неговиот мандат, оставајќи простор и време за спроведување на плановите и идеите зацртани во програмата за работа во време на мандатот. Денес СУГС „Владо Тасевски“ е средно стручно училиште во кое воспитно-образовната дејност се остварува според наставните планови и програми за средно стручно образование во повеќе образовни профили со тригодишно и четиригодишно траење и постсредно образование од електротехничка, машинската и сообраќајна струка.           

Во годината кога го прославуваме 60-годишниот јубилеј, во нашето училиште има вкупно 54 паралелки – 38 паралелки на македонски наставен јазик и 16 паралелки на албански наставен јазик. Наставата се реализира во просториите на нашето училиште, како и во просториите на СУГС „8 Септември“.  Вкупниот број ученици во учебната 2018-2019 изнесува 1.112 ученика. Она на што сме особено горди е фактот дека бројот на учениците кои се определуваат своето средно стручно образование да го продолжат во нашето училиште од година во година бележи константен пораст, што значи дека сепак „добриот глас далеку се слуша“ и дека нашите заложби за тоа да создадеме современа воспитно-образовна установа според највисоките стандарди не се залудни и нереални. Наша визија за иднината на училиштето е да бидеме подобри и поуспешни, да го оправдаме изборот на оние кои решиле да седнат во овие клупи, да направиме од него позитивна заедница на добри професори и уште подобри ученици, да создадеме услови за стекнување квалитетни знаења, вештини и ставови што ќе им овозможат на учениците успешно да се вклопат во повисоките степени на образование, но и практично да ги подготвиме за да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Нашиот сон, она што нè води напред и нè инспирира, е да создадеме училиште што ќе биде пример во својата средина и во поширокото опкружување.