•  +389 2 240 00 40
 

Search HP

Црвен крст

    Нашиот клуб на млади хуманисти и волонтери е гордост на Училиштето. Клубот, кој го координира социологот Зоран Ефремов, секогаш е подготвен да се вклучи во сите активности кои се планирани од страна на ЦК на Република Македонија, ЦК на град Скопје, ЦК на Кисела Вода.

   Во координација со Црвениот крст и здравствените  организации редовно се реализира здравствено-превентивна програма која е дизајнирана за да ги открие здравствените приоритети на учениците. Програмата е насочена кон подобрување на пристапот на здравствената грижа за учениците, примарно во здравствена промоција, мобилизација на учениците и превенција од заболувања.

   Вклучувањето на нашиот клуб во реализацијата на здравствената програма значи и поддршка на хуманитарните активности насочени кон борба против нетолеранцијата, стигмата и дискриминацијата и соработка со сите организации со цел подобрување на здравствените предизвици.

Здравствената програма се карактеризира со своја шареноликост, голем број  активности од областа на првата помош, добороволното крводарителство, превенција на ХИВ/СИДА, туберкулоза, кардиоваскуларни заболувања, хронични заболувања, промоција на хигиената, заштита од сексуално-преносливи болети и недозволена трговија со луѓе.

   Со гордост можеме да кажеме дека нашиот клуб за прва помош, редовно учествува на натпреварите организирани од ЦК  на Кисела Вода. Нашата екипа во 2008 година  по освоено прво место на општинскиот натпревар,  освои прво место на државен натпревар во Битола. Истата година во септември,  нашата екипа го освои третото место на меѓународен натпревар  на кој учествуваа екипи од Југоисточна Европа. Екипата ја сочинуваа: Фросина Илковска, Слободан Митровиќ, АмирТокалиќ, Димитар Јосимовски, Дино Рогов и Бојан Страчковски.

   Добороволното крводарителство има цел да се мотивираат што поголем број  ученици кои ги исполнуваат условите, доброволно да даруваат крв за да може да се соберат потребните количини на крв и крвни продукти кои се неопходни за лекување на болните и повредените. Со гордост можеме да се пофалиме дека во последните 10 години во нашето училиште се собрани околу 1600 крвни единици, што воопшто не е занемарлива бројка.

  Во соработка со ЦК на град Скопје и ЦК Кисела Вода секоја учебна година за учениците  се одржуваат работилници и предавања поврзани со борбата против трговија со луѓе. Целта е да се имплементираат превентивни активности насочени кон подигање на свеста на учениците за препознавање на начините преку кои младите можат да бидат вовлечени во трговијата со луѓе и нивна самозаштита.

    Во 2013 година нашето училиште ја доби наградата „13 Ноември“  што ја доделува ЦК на град Скопје за успешен придонес во делот на социјално-хуманитарна дејност, крводарителството и успешно реализирани активности.

Клубот на млади на Црвениот крст во нашето училиште ќе продолжи во годините пред нас да организира уште хуманитарни акции бидејќи хуманоста е најголема човекова доблест.

 
Go to top
Template by JoomlaShine