СУГС „Владо Тасевски“

Биди учен, биди стручен

Историја
За СУГС „Владо Тасевски“

Нашата приказна започна во далечната 1959 година, кога Работничкиот совет на Железничко-транспортното претпријатие Скопје, во согласност  со Уредбата за центрите за стручно образование на работници, објавена во Службен лист на ФНРЈ бр.30 на 29. 5. 1959 година, ја донесе Одлуката за формирање Центар на железничарите за стручно образование на младинци и возрасни. Центарот беше формиран за стручно образование на кадрите за потребите на  Железничко-транспортното претпријатие Скопје, како дел Југословенски железници.Критериумите при запишувањето на кандидатите, предметите и наставата беа регулирани на сојузно ниво, по строго утврдени пишани правила.
Почетоците не беа лесни: сè до 1984 година немавме своја училишна зграда, па Центарот работеше во времено адаптирани простории лоцирани во централното градско подрачје. Требаше да се состави тимот професори кои ќе ја понесат одговорноста да го реализираат планираното, да се осмислат профили што ќе одговорат на потребите на Железницата и ќе бидат привлечни за учениците. За успешно започнување со работа требаше да се изработат наставни планови и програми и да се подготват потребните учебници.
Сериозен предизвик за сериозни луѓе.

Од 1961 година почнува со работа Железничкото техничко училиште за сообраќајно-транспортни струки со интернатско сместување. На 14.6.1963 година Центарот е верифициран од Советот за просвета на СРМ за образование на младинци и возрасни од сообраќајна и комерцијална струка.

По катастрофалниот земјотрес, во учебната 1963/64 година Железничкото сообраќајно-техничко училиште, како и една паралелка машиноводители, беа привремено преместени во Белград, каде што ја следеа наставата во Железничкиот училишен центар.

Со текот на годините, дејноста на Центарот се проширува и во периодот 1963–1974 година во Училиштето се образуваат машинобравари, металостругари, електромеханичари, машински и електротехничари за јака струја, односно кадри за потребите на Железничко-транспортното претпријатие Скопје.

На 15. 4. 1979 година со Одлука на Работничкиот совет на Железничко-транспортното претпријатие Скопје Центарот го добива името на првоборецот-железничар Владо Тасевски.

Во 1982 година Училишниот центар потпишува договор со Либиска Џамахирија за школување на либиски ученици за следниве профили: градежни техничари за одржување на пруги, сообраќајно-транспортни техничари и електро техничари за СС и за ТК постројки. Средствата добиени за оспособувањето на учениците од Либиска Џамахирија беа искористени стариот и дотраен објект во кој се реализираше наставата да се замени со нов и современ објект, што беше изграден во 1984 година.

До 1983 година Училишниот центар образуваше само кадри за железнички сообраќај за потребите на  Железничко-транспортното претпријатие Скопје, како и за другите работни организации во Република Македонија .


Учебната 1983/84 започна во новата училишна зграда.  Новиот објект во потполност ги задоволуваше нормите на воспитно-образовниот  процес и беше модерно училиште со одлични услови за работа. Истата година се воведоа нови профили од областа на ПТТ сообраќајот и телекомуникациите, со што училиштето го доби името Училишен центар за железнички и  ПТТ сообраќај „Владо Тасевски“.  Во училиштето се школуваа ученици од сите градови во Македонија, кои имаа гарантирано работно место во средините од каде што доаѓаа.

До 1996 година Училишниот центар работи како посебна организациона целина во рамките на Железничко-транспортното претпријатие Скопје, а оттогаш како посебен правен субјект во рамките на Министерството за образование на РМ – ДСУ за железнички и ПТТ сообраќај „Владо Тасевски“.

Во април 1998 година училиштето се вклучи во ФАРЕ-проектот за реформа на средното стручно образование, во рамките на кој се планираше модернизација и трансформација на воспитно-образовниот процес. Наставничкиот колегиум, раководниот кадар и координаторот на проектот вложија огромни напори за поуспешна реализација на започнатите реформи, решени да станеме дел од една нова приказна и да изградиме училиште од кое ќе излегуваат оспособени кадри, компетентни и одговорни личности кои ќе бидат подготвени да се соочат со професионалните предизвици и да одговорат на она што ги очекува во животот.

По започнувањето на процесот на децентрализација, со пререгистрација во Основниот суд Скопје 1 во  2004 година Училиштето преминува под ингеренција на Градот и станува СУГС „Владо Тасевски“.

Во изминативе 50 години во училиштето се образуваа 20.720 ученици оспособувајќи се за следниве профили:


СООБРАЌАЈНА СТРУКА
  • Транспортен комерцијалист
  • Техничар за ПТТ сообраќај
  • Техничар за техничка колска служба – прегледач на коли
  • Техничар за транспорт и шпедиција
  • Станичен работник
  • Сообраќаен транспортен техничар
  • Кондуктер
  • Возоводител
  • Машиновозач на дизел и електро влечни средства
  • Маневрист
  • Машиновозач на маневра
  • Техничар за железнички сообраќај
  • Сообраќајно-транспортен магационер

ЕЛЕКТРОТЕХНИЧКА СТРУКА

  • Техничар за телекомуникации
  • Техничари за комутациони уреди и преносни системи
  • Електротехничар за СС постројки
  • Електротехничар за ТК постројки
  • Електротехничар за возни средства
  • ТТ монтер
  • Електротехничар – електроничар
  • Електротехничар за електроника и телекомуникации
  • Електромеханичар
  • Електротехничар – енергетичар

МАШИНСКА СТРУКА

  • Машински техничар за влечни средства
  • Машинобравар – металостругар
  • Машинобравар
  • Металостругар
  • Бравар – механичар за железнички возни средства
  • Машински техничар за шински возила
  • Машинско-енергетски техничар

 

Во учебната 2001 година во училиштето почна да се реализира долгогодишната идеја за специјалистичко образование (V степен). Со одлука на Министерството за образование (Решение за верификација на V степен бр. 11 – 587/3 од 7.3.2000) во Училиштето се спроведе едукација на ученици од V степен – специјалистичко образование од електро, машинска и од сообраќајна струка. Од запишаните 644 ученици, 413 успешно ја завршиле обуката  и се стекнале со уверенија за специјалистички студии.

Во учебната 2004/2005 година во Училиштето беше отворена една паралелка на албански наставен јазик за електротехничар за електроника. Наредната година се запишаа две паралелки од сообраќајна струка за новоотворениот профил – техничар за транспорт и шпедиција. Заради просторните можности на Училиштето, денес сите паралелки од сообраќајна струка ја следат наставата во СУГС „8 Септември“.


 
Банер
loader

Моментално посетители

Има 4 гости присутни

You are here  : Почетна Општи податоци