Некако во овој период од годината, февруари – март, се чувствува една посебна раздвиженост во нашето училиште. Оваа година – посебно. Секако за тоа има причина. Во пресрет сме на чествувањето на нашиот Патронен празник на 21-ви март и тоа јубилеен – 60 години постоење низ времето што нè прави безвременски. Се подготвува училишниот весник, монографија, драмска претстава, видео-запис за историјатот на училиштето и др. Коренот на зборот јубилеј се наоѓа во латинскиот јазик и означува прослава на годишнина од некој настан или период од животот од 100, 75, 60, 50, 25 или 10 години. Во оваа низа ние сме на третата позиција која означува долг временски период на постоење, растење, развој и нижење успеси. А штом постоиме толку време, значи вредиме. Времето е немилосрден судија, кај него нема попустливост. Секој кој минал низ училиштето, без оглед со каков статус, оставил трага зад себе и станал делче од еден голем мозаик наречен СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје.

Нашето училиште, нашиот втор дом, е воспитно–образовна институција, а има ли поблагородна професија од таа да воспитуваш и учиш млади личности? Воспитанието и образованието се темелите на една држава и ако тие не се цврсто поставени, тешко на таа куќа наречена општество. Како наставници и воспитувачи се гордееме со низата генерации кои минале низ нашите училници, ходници, двор. Доаѓаат кај нас со 15 години, млади, неискусни, а си заминуваат малку позрели со 18 – 19 години. Некои од нив ќе го продолжат образованието, некои не. Но, она што е важно, ние од нив правиме вистински луѓе, подготвени да се соочат со предизвиците на животот. Да бидат добри домаќини, добри работници на своите идни работни места, семејни и среќни луѓе. Да газат во иднината по вистинскиот пат, а за таа цел секој од нас давал и дава придонес во ова долгогодишно постоење. Забележани се многу успеси и резултати на многу полиња од нашето работење и тие се заеднички – на наставниците, учениците, менаџерскиот тим и сиот административен персонал. Цел еден систем на кој не смее да му затаи ниту еден дел.

Просториите на СУГС „ Владо Тасевски“ се исполнети со младост, убавина, љубов, смеа, палавост и со помалку или повеќе учење. Тинејџерските бисери се наоѓаат во алманасите што учениците ги запишуваат на крајот на нивното средно образование. Остануваат како трајно сведоштво за едно младешко време кое по многу години ќе буди убави спомени. А споменот за нашиот патрон Владо Тасевски го чуваме љубоморно. Се вели дека човекот двапати умира: еднаш кога го напушта земниот свет, еднаш кога ќе го заборават. Ние тоа нема да го дозволиме. Неговиот хероизам и човекољубие треба да ни бидат пример на сите. Тој живеел 27 години, нашето училиште што го носи неговото име 60 години и ќе продолжи да живее гордо и достоинствено.

Почитувани, нека ни е честит јубилејот!