„ ...  И повторно „ ФИЛАЛЕТ“ – збор што значи ПРИЈАТЕЛ НА ВИСТИНАТА! Правилен избор за именување на овој „наш“ весник. Земете нѐ во вашите раце, ако заслужуваме. Ние не сме само ишарани страници. Ние сме она што Ви треба – Пријатели на вистината...“

Со ова обраќање кон читателите започна нашата приказна пред полни 18 години. Сѐ се зароди од една желба и една идеја на учениците од далечната 2001 година, од нивната визија да се запише на хартија сѐ она што се случува низ училишните ходници, што се плетка во ученичката свест и што предизвикува интерес во нивната мисла. Се создаде визија, се здружија силите и се случи ФИЛАЛЕТ!  Место за креаивност, простор за идеја, страници за презентирање на ученичките интереси, хобија, желби... Време за конструктивна дружба и другарство во вистинска смисла на зборот!

Минуваше времето, растеше Филалет, ги усовршуваше своите вештини и нашиот пријател на вистината. Неговата традицијата напорно се градеше низ годините, но желбата да се остави трага и да се придонесе за Училиштето успешно се пренесуваше од генерација на генерација. Работата бараше вештина и трпеливост, но нема ништо поубаво од моментите кога учениците ќе се раздвижеа решени да ја совладаат секоја препрека и да ја постигнат целта. И Филалет стануваше сѐ поконструктивен, покреативен, поригорозен во критериумите. Тој продолжи да информира, подучува, презентира, објаснува за сѐ што беше дел од животот на тинејџерската популација.

Се нижеа содржини за напредокот на училиштето, за нашите учества во натпревари и проекти, се пишуваше за патешествијата на матурантите, се редеа интервјуа со познати, заживеаја и советодавни рубрики, се објавуваа ученички творби, се толкуваа латински изреки, се презентираа импозантни градби, одбележуваа разноразни јубилеи, се застапуваа интересни занимливости, се правеа анкети за теми од животот на младите...

И со секој нареден број се усовршуваше техниката, малите учеа од поголемите за потоа тие да ги подучуваат почетниците, се вртеше кругот, се менуваа темите, интересите, погледите, но едно нешто никогаш не се смени: ФИЛАЛЕТ беше и остана проект во кој се потврдуваа амбициозните, инспиративните, талентираните визионери од нашето училиште, тој продолжи да биде огледало на ученичката мисла!

Токму затоа, ние одговорните наставници на Новинарската секција, Наташа Петреска и Билјана Ристова, сме посебно горди на нашите деца со визија и желба да докажат дека можат и знаат повеќе. Етузијазмот во нивните млади души плени и е за почит. Сите наши досегашни ученици се покажаа како одлични „компјутерџии“, но и како млади луѓе полни со креација, инвентивност и способност за организација. Тие се неуморни борци кои несебично се заложуваат да покажат дека СУГС „Владо Тасевски“ има свои квалитети, достојни за презентација!

ЧЕСТИТО ПОЛНОЛЕТСТВО,  П Р И Ј А Т Е Л Е!

                                                    Филантропија

                                                    Инспирација

                                                    Либералност

                                                     Амбиција

                                                    Литература

                                                    Ентузијазам

                                                    Талент