•  +389 2 240 00 40
 

Search HP

Еко- училиште

21-ви Март, Ден на еколошката акција на младите во СУГС"Владо Тасевски"!

За важноста на чистата и здрава животна средина не треба многу објаснување. Таа е темелот на нашето битисување. Колку сме одговорни и колку ја чуваме природата, знаеме сите. Климатските промени секојдневно ги покажуваат своите „заби“. Екстремно ниски или високи температури, топење на глечерите, ефект на стаклена градина, дишење загаден воздух, кој според концентрацијата на ПМ-честички урива рекорди во светски рамки... Во јавноста постојано се зборува за потребата од подигање на еколошката свест, се организираат научни собири, трибини, разни активности, но резултатите не се видливи.

И нашето училиште активно работи  со цел да даде свој придонес за здрава животна средина со тоа што се вброи во редот на т.н. Еко училишта. Процесот е сеопфатен и функционира така што се вклучува целото училиште: учениците, наставниците, раководните структури, техничкиот персонал, родителите, локалните власти и медиумите. За да го стекне овој статус, нашето училиште требаше да реализира седум чекори (учебна 2011/2012 година):

-  Формирање Еко-одбор;

- Анализа на состојбата на животната средина;

- Изработка на план на активности;

- Следење и евалуација на напредокот;

- Вметнување  еко-содржини во наставните планови (тематски планирања);

- Информирање и вклучување на пошироката заедница, и

- Изработка на Еко-кодекс.

 

  

За нашиот придонес во зголемувањето на свеста кај учениците и вработените, зборуваат многубројните акции и учества на национални и интернационални конкурси на тема Екологија. Во таа насока ќе ги  спомнеме повеќето од нив во организација на Канцеларијата на програмата „Интегрирање на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“. Од 2014 до 2018 година со нашите ученици учествувавме на следниве акции: „Македонија без отпад“, „Засади зимзелени садници“, „Ден на дрвото“, „Светски денови на акција“, како и одбележување на Денот на пролетта со соодветни активности во училиштето.

Од големо значење е да се нагласи учеството на конкурсите „Млади репортери за животна средина“ и „Најчисто и најбезбедно училиште“. На конкурсот „Млади репортери за животна средина“, организиран во учебната 2014/2015 година ученичката Симона Петрушевска со свој текст освои трето место. Следната година учество зедоа учениците Симона Петрушевска и Стефан Трајков. На конкурсот „Најчисто и најбезбедно училиште“ учествувавме трипати, од кои во 2014/2015 година го освоивме првото место како најчисто и најбезбедно училиште во РМ, а во учебната 2015/2016 година и 2017/2018 година  второто место. Секако, особено треба да се истакне добивањето на Зеленото знаме во учебната 2015/2016 година во конкуренција на повеќе Еко-училишта, што пред сè се должи на сериозната работа на професорката Елена Лентиќ, која раководи со еколошката програма во училиштето. Не помалку важно е учеството на модната ревија „Треш Фешн“, која има за цел да покаже дека модни парчиња можат да се изработат и од рециклирани метеријали, на која во 2014/2015 год. учествуваа ученичките Бојана Цветковска, Ивана Ивановска и Марија Стевковска. Во 2015/2016 година на оваа манифестација учествуваа Росана Тодоровска, Љуљзиме Аслани и Викторија Ѓорѓевска, а во 2017/2018 год. Елена Стојановска, Елена Антовска и Радица Момировска. Учениците Кристијан Малзарков, Синиша Гурмешевиќ, Стефан Гроздановски, Стојанка Ставреска и Дарко Рајатовски учествуваа на работилница под наслов „Влијанието на климатските промени врз животот на градот Скопје“. Во 2016/2017 година се одбележа „Неделата на едукација за климатски промени“, како и фестивалот на креативни индустрии „Скопје креатива“, на кој учество зедоа учениците Симона Георгиевска, Сара Костадиновска, Тамара Живковиќ, Арифе Касуми, Кристијан Димишковски и Теодора Ангеловска. Во 2018/2019 год.  ученикот Стефановски Виктор учествуваше во проектот на Град Скопје „Нови генерации - зелена иднина“, со фотосторија на тема екологија.

     

Се разбира, не треба посебно да ја нагласуваме улогата на нашите екологисти во редовното одржување на садниците во дворот на училиштето (засадување, окопување и наводнување). Со право можеме да се пофалиме дека имаме убав и зелен училиштен двор во кој учениците можат да се дружат и да се релаксираат за време на одморите. 60-те новозасадени дрвја, кои го облагородија опкружувањето на училишната зграда, ќе бидат нашите бели дробови во услови кога нашиот град е на врвот на листата на најзагадени градови во светот. Ние не запираме тука. Со ист елан и желба продолжуваме понатаму!

Go to top
Template by JoomlaShine